Најдобрите македонски одбојкари од денеска се повторно во базата СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Таму в недела, 20 часот ја пречекуваат Грузија во последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2026.
Мечот со Грузијците ќе одлучи дали Македонија ќе се најде на четвртото континентално натпреварување во низа.
Стратегот на националниот тим Јошко Миленкоски верува дека екипата со поддршка од домашната публика може да ја исполни целта.
„Натпреварот со Грција го оставаме зад нас. Игравме против моќна репрезентација составена од квалитетни играчи. Во поголемиот дел од натпреварот тоа го докажаа на теренот иако и ние имавме добри моменти, особено во третиот сет кога стигнавме и до две сет топки, но не ги реализиравме. Со тој сет или без него секако дека мораме да ја победиме Грузија со максимален резултат во Скопје.
Освоивме голем број на поени против Грција што ни дава за право да се надеваме на успех во овие квалификации. Погледите се насочени кон натпреварот со Грузија, на кој сме сега комплетно фокусирани.
Очекуваме полна сала и поддршка од љубителите на одбојката, со чија помош ќе дојдеме до посакуваниот резултат и ќе обезбедиме уште едно учество на Европско првенство“, дециден е селекторот Миленкоски.
Македонија е во „трка“ за место меѓу петте најдобро второпласирани селекции, кои исто така обезбедуваат настап на ЕвроВолеј 2026.
Дуелот меѓу Македонија и Грузија се игра в недела, 20 часот, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Влезот во салата е слободен! Поддршката е неопходна!