Селекторот на машката македонска одбојкарска репрезентација, Јошко Миленкоски не направи никакви промени во списокот. Одбојкарите кои Миленкоски ги имаше на располагање за настапот во Европската Златна лига, се и негов избор и за евро-квалификациите.

Средниот блокер Филип Маџунков ќе биде на располагање на селекторот. Тој ја пропушти првата летна акција на репрезентацијата поради интервенција на коленото. Сепак, по успешната санација на проблемот и процесот на рехабилитација тој се враќа во игра.

Неговото име е меѓу 16-те кои треба да се појават на 17 јули на стартот на подготовките во Маврово.

https://vfmkd.org.mk/wp-content/uploads/2025/07/spisok-mazhi-724×1024.jpg

Таму ќе се одработи првиот дел од подготовките по што од 28 до 30 јули Македонија ќе одигра пријателски натпревар со Бугарија во Софија.

Потоа темпирањето на формата го продолжува во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“, каде од 5 до 7 август ќе се одржи 49. издание на меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“.
Покрај Македонија ќе учествуваат и репрезентациите на Бугарија и Швајцарија.

Квалификацискиот дуел со Грција, нашите одбојкари го играат на 13 август во Атина, додека последниот натпревар е на 17 август, во 20 часот, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје против Грузија.