Екипата на Работнички претрпе убедлив пораз во првиот меч против Торпедо во квалификациите за Конференциската лига. Трите гола негатива им ја прави многу потешка работата на „романтичарите“ за реваншот во Скопје. 

Тренерот на Работнички, Бојан Маркоски, сепак не се откажува.

„Беше тоа тежок натпревар и убедлив пораз за нас, а според мое мислење не заслуживме таков пораз од 3-0.

Противникот беше поискусен тим, знаеше тоа да го искористи. Првите 15 минути имаа контрола, потоа беа и многу подобар тим. Ние имавме една шанса пред крајот на првото полувреме која требаше да ја реализираме.

Го започнавме вториот дел подобро, но имаше две ситуации во кои не реагиравме најдобро и тие постигнаа уште два гола. Еден шут заврши во мрежата, а во судиското продолжение беше неприфатливо да примиме уште еден гол.

Но, има уште еден натпревар во кој ќе се обидеме да ја надоместиме негативата, не се откажуваме, ќе го дадеме максимумот“, вели Маркоски.

Реванш натпреварот ќе се играат во четврток (24 јули) во Скопје, на арената „Тодор Проевски“.