Најдобрата фудбалска репрезентација на Македонија ја оствари втората победа во квалификациите за Светското првенство во 2026 година.
На гостувањето во Астана, Македонија го совлада Казахстан со 1-0, доволно за три важни бодови.
Првиот директен удар го упатија нашите фудбалери, односно Алиовски, во петата минута, но домашниот голман беше внимателен. На истекот на 11.минута, се обиде и Елмас, но тоа беше лесен плен за домашниот голман на Сејсен.
Во 16.минута многу среќа за нашата селекција. По брзата контра од левата страна Кенжебек упати удар кон нашиот гол, а топката од стативата заврши во гол-аут. И следните три закани беа кон нашиот гол, но Димитриевски беше внимателен и успеа да ја сочува мрежата.
Затоа пак во 32.минута, гол на спротивната страна. По грешката на домашната одбрана, со прекрасен волеј удар Александар Трајковски ја погоди мрежата на Казахстан за водство од 1-0.
Во второто полувреме, Казахстан тргна многу поофанзивно.
Противникот, постојано правеше притисок, а нашата селекција грчевито се бранеше. Во 58.минута домаќините беа блиску до израмнување, но сојузник на Македонија и Димитриевски беше гредата од нашиот гол. Единствената закана кон голот на Казахстан дојде од слободниот удар на Барди во 80-тата минута. За жал, домашниот голман одлично интервенираше. Сепак, за наша среќа Сатпаев во 85.минута ја погоди левата статива од голот на Димитриевски, па резултатот остана не променет.
Сега македонската репрезентација има 8 бодови еден повеќе од Велс кој вечерва (20.45 часот) и гостува на Белгија.
Следниот натпревар Македонија ќе го игра на 7 септември кога во Скопје ќе го пречека Лихтенштајн.






































