Машката одбојкарска репрезентација на Македонија, со пораз го започна новиот настап во Европската Златна лига.
Во меч од првиот од трите турнири, што се одржува во Братислава, Македонија загуби од Финска со 0:3 во сетови.
По стартното водство (2-0), македонските одбојкари имаа минимална посредност само до 4-3. Од тој момент па се до крајот на сетот Финците беа оние кои ја контролираа играта. Бројните грешки на нашиот национален состав, му овозможија на противникот да го добие сетот со 25-20 и за поведе со 1:0.
Тоа како да им даде дополнителен мотив на Финците кои во текот на целиот втор сет постојано водеа. На крајот дури и убедливо го добија сетот со 10 поени разлика (25-15).
Конечно во третиот сет Македонија заигра нешто подобро. Имаа предност црвено-жолтите и од три поени во два наврати. Водеа Македонците се до 14-13, кога следуваше серијата на Финците од 0-5, за водство од 14-18. Не придонесоа ниту советите на селекторот Миленкоски, па грешките се редеа, а Финска го доби сетот со 25-19.
За Финска ова беше втората турнирска победа, откако вчера ја совладаа Словачка со 3-0. Токму домашната селекција на Словачка ќе биде следниот противник на Македонија во мечот што ќе се игра утре од 15 часот.
Потсетување дека ова е првиот од трите турнири во Златната Европска лига. Следните два се во Летонија и Струмица, каде македонските одбојкари ќе одиграат по два меча.

































