Селекторот на машката сениорска репрезентација Јошко Миленкоски ги одбра 15-мината одбојкари за пријателските натпревари со Хрватска. Дуелите со Хрватите ќе се играат викендов во Марибор, Словенија. Со екипата нема да патува единствено средниот блокер Филип Маџунков.
Маџунков е на подготовките заедно со репрезентацијата, но истовремено чека и мала хируршка интервенција на десното колено. Затоа селекторот Миленкоски реши да го поштеди за контролниот двомеч.
По една недела подготовки во Струмица, репрезентацијата утре изутрина лета за Љубљана, па одтаму со автобус до Марибор. Со дуелите в сабота и недела против Хрватска, ќе темпира форма за настапот во ЦЕВ Европската Златна лига.
Натпреварите ќе се играат во „Драш спорт“ центарот во Марибор, в сабота од 18 часот и недела од 17 часот.
За Македонија двомечот со Хрватска ќе биде единствената проверка на силата во пресрет на годинешниот настап во ЦЕВ Европската Златна лига.