Македонскиот претставник во Европскиот куп екипата на Алкалоид попладнево го игра најважниот натпревар во својата куса историја.
Во Сандефјорд, Норвешка избраниците на тренерот Кирил Лазаров ќе се борат за пласман во финалето од ова клупско натпреварување. Воедно тие влегуваат со предност од пет голови, откако пред една недела во Скопје го совладаа Рунар Сандефјорд со 42:37.
Алкалоид на досегашните девет натпревари во Европскиот куп постигна осум победи (Рунар, Баја Маре, Бриксен (2), Вест Виена (2), Драгунас Клаипеда(2). Само еднаш одигра нерешено против Баја Маре (на гости). Екипата покажа карактер, но и цврстина и секако ваквиот биланс дава психолошка сигурност пред клучниот натпревар барем до овој дел од сезоната.
Згуснатиот распоред на натпревари е еден од проблемите. Сепак, постојаниот ритам на натпревари може да донесе и други позитивни моменти во играта. Тоа пред се во заеднички дух, кој е исклучително важен за ваков тип на дуели.
Денешниот противник веќе ја заврши сезоната во норвешката лига откако беше елиминиран во четвртфиналето на плеј-офот. На патот до полуфиналето успеа да ги елиминира Олимпијакос, Бешикташ, поранешниот европски првак Цеље и Букурешт.
Натпреварот почнува во 17 часот, а ќе го судат Франческо Симоне и Пиетро Монтиљо од Италија, додека делегат е Хлинур Леифсон од Исланд.
Прв финалист е екипата на АЕК која синоќа загуби 28:24 од Извиѓач и со тоа ја зачува предноста од првиот дуел 37:28.
 
             
		