Откако вчеравечер Барселона и ПСЖ станаа првите полуфиналните во Лигата на шампионите, вечерва ќе ги дознаеме останатите два тима.

Четири гиганти ќе се борат за место во полуфиналето.

Актуелниот европски првак Реал Мадрид ќе има многу тешка задача, да надополни три гола негатива против Арсенал. „Кралевите“ беа во подредена улога на првиот меч во Лондон, каде „топчиите“ славеа со убедливи 3-0.

„Имаме квалитет да ги свртиме работите, но мораме да го извлечеме најдоброто од себе“, изјави тренерот на Реал, Карло Анчелоти„

Микел Артета има целосна верба во својот тим, но Шпанецот смета дека мора да се одигра максимално.

„Ќе уживаме во играта, мора да бидеме храбри, доминантни и со верба дека сме подобри и дека ќе победиме“, вели Артета.

Дуелот на „Сантијаго Бернабеу“ ќе почне во 21 часот, термин во кој во Милано ќе стартува и натпреварот Интер – Баерн Минхен.

На „Џузепе Меаца“ италијанскиот шампион Интер ќе ја брани предноста од еден гол остварена на гостувањето во Минхен каде победи со 2-1. 

„Мораме да се обидеме да играме како во Минхен, да ја задржиме топката што е можно подолго. Ќе ни биде потешко сега на вториот натпревар бидејќи ќе ни направат голем притисок“, истакна Симоне Инзаги, тренерот на Интер. 

На последните шест меѓусебни натпревари во Лигата на шампионите, двете екипи забележаа по три победи. Баерн само еднаш ја надополни негативата од првиот меч во нок-аут фазата од ова натпреварување.

„Имаме големи очекувања. Сакаме до финалето пред нашата публика во Минхен. Сепак да ја оствариме целта вечерва ќе мора да бидеме перфектни и да ги реализираме нашите шанси“, рече Винсент Компани тренерот на Баерн.

Победникот од мечот Интер – Баерн Минхен оди на мегдан на Барселона, а ПСЖ го чека епилогот од дуелот меѓу Реал и Арсенал.

Следете нé на социјалните мрежи