Светското првенство за ракометари, доаѓа до самиот крај. Остануваат уште четири натпревари по кои ќе ги дознаеме носителите на медали.
Денеска и утре на програмата се полуфиналните натпревари.
Вечерва во Загреб во првиот полуфинален меч ќе се сретнат ко-домаќинот на првенството селекцијата на Хрватска и светскиот вицепрвак Франција.
Двете репрезентации место меѓу четирите најдобри обезбедија по драматичните натпревари во кои со гол во последната секунда ги совладаа Унгарија и Египет.
Франција во овој дуел влегува со максимален учинок и победи на сите седум досегашни одиграни натпревари на Мундијалот. Триколорите се во блага улога на фаворити бидејќи Хрватите не импресионираа со своите игри. Тие претрпеа и еден пораз од селекцијата на Египет, а и повреди ги мачат во текот на целиот шампионат.
Тоа ќе биде уште една епска битка на овие две селекции кои во минатото честопати играле меѓусебно во завршните натпревари.
Многумина го паметат финалето токму во загрепската „Арената“ на Светското првенство во 2009 година. Сегашниот француски селектор Гијом Жил беше во тој тим на „Триколорите“ кој го освои златен медал со победата од 22:19.
Тоа, како и поддршката од трибините кои ќе ја имаат хрватските ракометари секако ќе биде мотив повеќе за популарните „каубои“ да им се реваншираат на Французите.
Ќе успеат или во тоа останува да видиме по натпреварот што ќе почне од 21 часот.
Во истиот термин утревечер во Осло, актуелниот светски шампион Данска и големото изненадување на првенството Португалија ќе го играат својот полуфинален натпревар.