Триумф на ракометарите на Вардар во последниот натпревар од Ф групата од Лига Европа откако вечерва во СЦ „Јане Сандански“ го совладаа бундеслигашот Мелсунген со 32:30. За германската екипа ова беше првиот пораз во групата.

Почетокот на дуелот мина во знак на гостите, а по брзото водство од 3:1 „вардарци“ направија серија од 5-1 за водство од 6:4. На половина од првиот дел Вардар поведе со 10:7, а предноста од три разлика ја имаше во уште неколку наврати. Сепак во 27.минута гостите од Мелсунген изедначија на 15:15, а на полувреме беше 17:17.

Вториот дел почна со водство на гостите, но Вардар успеа да стигне до предност од еден гол. Но, нерешениот резултат резултат беше најчесто во овој дел од натпреварот. Последен пат резултатот беше нерешен 27:27 (вкупно 13.то изедначување), потоа Вардар заигра подобро во одбраната и направи предност од +3 (30:27) во 54.минута. Гостите од Германија намалија на еден негатива 30:29, но „црвено-црните“ брзо го вратија водството на +3 (32:29) и запишаа победа од 32:30.

Кај Вардар најефикасен беше Коиј со 8 голови, додека на дуелот на најпрецизен беше Баруфет со 10 голови. Голманот на Вардар Еспиња имаше 15 одбрани, од кои неколку клучни во финишот на дуелот, додека Симиќ кај Мелсунген запиша 12 одбрани.

На вториот натпревар од групата Порто пред своите навивачи го совлада Валур со 37:29.

Табела: Мелсунген 10, Порто 7, Вардар 5, Валур 2.

Мелсунген и Порто ги продолжуваат натпреварите во следната фаза како две првопласирани екипи.