Машката одбојкарска репрезентација на Македонија ќе биде дел од 12-те национални тима кои ќе учествуваат во ЦЕВ Златната Европска лига во 2025 година. Покрај нашите најдобри одбојкари ќе се натпреваруваат уште и: Чешка, Португалија, Романија, Финска, Хрватска, Грција, Шпанија, Летонија, Словачка, Црна Гора и Израел.

Третата година во низа македонските одбојкари играат шест квалитетни натпревари. Како и во претходното издание така и во ова ќе се игра според т.н. „швајцарски систем“. Ќе бидат одиграни три турнири, а секоја репрезентација ќе биде домаќин на еден.

Првите турнири на програмата е од 6 до 8 јуни. Македонија ќе игра против Финска на (7 јуни) и домаќинот Словачка (8 јуни).

Вториот турнир е предвиден од 13 до 15 јуни во Летонија. Летонците се противникот со кој ќе ги измериме силите на 13 јуни, додека на 14 јуни играме со Грција.

Македонија ќе биде домаќин на турнир во третиот викенд закажан од 20 до 22 јуни. Во првиот натпревар (на 20 јуни) ќе го пречекаме Израел, а по слободниот дел, на 22 јуни ќе играме против Црна Гора.

По одигрувањето на натпреварите ќе биде формирана заедничка табела. Од неа четири најдобро пласирани селекции ќе изборат учество на финалниот турнир, кој ќе се одржи од 4 до 6 јули. Промена може да има само доколку репрезентацијата домаќин на завршниот турнир не е меѓу најдобрите четири. Организаторот на „Ф4“ викендот дополнително ќе биде одреден.

Машката репрезентација од 2014 година константно е дел од годишните натпреварувања на ЦЕВ и досега има освоено четири бронзени и два сребрени медали.