Јуниорската кошаркарска репрезентација на Македонија ја оствари шестата победа во „Б“ дивизијата на ЕП во Скопје.

На шампионатот за кошаркари до 18 години, македонските јуниори во четвртфиналето ја победија Португалија 71-42 и обезбедија полуфинале.

Освен втората четвртина која противникот ја доби минимално 13-14, останатите три периоди убедливо им припаднаа на нашите надежи. Пожртвувано и борбено во одбраната, дисциплинирано во нападот, беше клучот на успехот за овој триумф.

Од самиот почеток избраниците на селекторот Горан Андреевски го контролираа резултатот, а од минута во минута ја зголемуваа предноста. На крајот Македонија славеше со убедливи 29 поени разлика.

Четворица македонски репрезентативци имаа двоцифрен број на поени, а најмногу 17 Лукановски кој заврши до дабл-дабл, додавајќи 14 скокови .

Кој ќе биде противникот во полуфиналето закажано за утре, ќе дознаеме по натпреварот Швајцарија – Бугарија.