Младата македонска репрезентација за ракометари до 20 години не успеа да се вброи меѓу осумте најдобри во Европа. Македонските младинци по голема борба не успеаја да ја победат Австрија во последното коло од А групата. Ремито 20-20 е недоволно да за првото место во групата, а со тоа место меѓу осумте најдобри.

Противникот подобро го отвори натпреварот и создаде три гола предност (4-1). Нашите ракометари го подигнаа нивото на игра во одбраната и во 18 минута израмнија на 6-6. Но во иста мерка возвратија Австријците и пак во 22.минута имаа +3 (9-6).

Црвено-жолтите ги искористија исклучувањата во таборот на противникот и во 25.минута израмнија на 9-9. Имавме можност и за водство, но двете непромислени грешки, меѓу кои и црвениот картон на Карасманакис, не чинеа гол негатива на полувремето (10-11).

Уште во првиот напад на вториот дел ново израмнување (11-11), но веднаш и пропуштена шанса за прво водство. Само благодарение на расположениот на голот Галевски кој врза низа на одбрани останавме во егал. Конечно во 35-тата минута со голот на Михајловиќ, нашите ракометари за прв пат поведоа со 13-12.

Веќе во следниот напад Митев од седмерец не успеа да зголеми на два разлика. Конечно во 44-тата минута црвено-жолтите поведоа со два разлика 16-14. Веќе три минути подоцна 48-ма имавме и +3 (17-14). Таман се понадевавме дека го скршија отпорот на противникот тогаш на сцена стапи австрискиот голман. Со неколку одбрани и два негови гола Австрија го презеде водството (18-17).

Во завршните три минути се влезе со израмнети 19-19. Со 15-тата одбрана на Галевски им даде шанса на соиграчите во последните 38 секунди да стигнат до победа. Но, не се најде јунак тоа да го искористи па на крајот мечот заврши нерешено 20-20.

Бадијала останаа 15-те одбрани на феноменалниот Иван Галевски кој беше прогласен за играч на натпреварот. Со осумте гола Димитар Узунчев беше најефикасен, додека Ненад Белистојановски постигна 5.