Македонската јуниорска репрезентација се подготвува за настап во „Б“ дивизијата на ЕП кое од 26 јули до 4 август ќе се одржи во Скопје.
Како дел од овие подготовки избраниците на селекторот Горан Андреевски денеска и утре ќе одиграат два контролни натпревари против Романија.
„По првите десетина дена од подготовките, двата натпревари со Црна Гора ни беа одлична можност да видиме на кое ниво се нашите играчи.
Останува да се фокусираме на отстранување на грешките во одбраната и да го дигнеме моралот кај играчите. Ни следи двомеч со селекцијата на Романија во деновите кои следуваат, и во Крајова очекувам подобрување во играта.
Макар што на овие две наредни проверки не можеме да сметаме на Марко Луканоски кој во меѓувреме се приклучи на репрезентацијата до 20 години која ќе настапи на ЕП во Полска, што секако е голем хендикеп за нас во овој дел од подготвителниот период“,
истакнува селекторот Андреевски.
Натпреварите против Романија ќе се играат во Крајова. Првиот на програмата е денеска од 18 часот, а во истиот термин ќе се игра и утрешниот.