Машката младинска селекција на Македонија за ракометари до 20 години, денеска ќе го одигра вториот натпревар на Европскиот шампионат во Словенија.
Откако вчера убедливо ја совладаа Црна Гора, денеска македонските младинци ќе го имаат првиот вистински испит. Во натпревар од 2.коло на А групата, Македонија ќе игра против врсниците од Хрватска.
Хрватите иако важеа за фаворити во групата, вчера претрпеа пораз од Австрија, па денеска за нив дуелот со Македонија е „да се биде или не“.
Тоа одлично го знаат селекторот Радослав Стојановиќ и неговите соработници во стручниот штаб. Затоа македонските младинци ќе мора да одиграат на високо ниво, пред се борбено, но и тактички.
Ќе биде ли тоа доволно за нова победа на Македонија останува да видиме.
Дуелот меѓу Македонија и Хрватска ќе се игра во терминот од 12 часот.