Македонските одбојкари го претрпеа третиот пораз во Европската Златна лига. На гостуивањето во Антверп кај Белгија по голема борба Македонија е поразена со 2:3 во сетови.
Фантастичен меч одиграа црвено-жолтите, спасија две меч топки, пропуштија и една за конечен триумф, но на крајот со гордо кренати глави мораа да подадат рака на победникот Белгија.
Првиот сет им припадна на домаќините. По нерешените 7-7, тие направија серија од четири поени, која се покажа како клучна и го добија сетот со 25-23.
Во вториот, Белгијците имаа +3 (8-5, но црвено-жолтите се вратија во игра и поведоа со 10-9. Нова мини серија Македонија направи во втората половина за водство од 20-17. Таквата предност македонските одбојкари ја сочуваа, го добија сетот со 25-22 и израмнија на 1:1.
Домашните одбојкари доминираа во третиот сет што го добија најубедливо со 25-17. Имаа, Белгијците и во четвртиот две меч топки, но македонските одбојкари ги одбранија, а потоа и го добија (26-24) за израмнување на 2:2.
Во решавачкиот пети сет, имаа македонските одбојкари и четири поени предност (7-3), имаа и меч топка, но не ја искористија. Белгијците се вратија го добија сетот со 17-15, а мечот со 3:2.
Следниот викенд македонските одбојкари патуваат за Осиек, каде ќе ги одиграат двата завршни натпревари против Хрватска и Шпанија.