Македонските одбојкари вечерва ќе го играат вториот натпревар во Европската Златна лига. Поразот од Естонија во петокот се веќе минато и сите мисли само сега се насочени кој мечот со Чешка.
Чесите вчера ја декласираа Естонија во три сета и потврдија дека се во одлична форма.
„Ова е познат противник за нас.
Тоа е репрезентација со стил на игра којшто не ни одговара, но ќе се обидеме да го дадеме нашиот максимум во овој момент и да извлечеме што подобар резултат.За разлика од минатата година кога игравме со нив, во составот има неколку промени, но тоа не значи дека можеме да се опуштиме, ниту пак да ги прецениме.
Со желба и со мотивација, може да играме со нив“,
изјави искусниот Владо Милев.
Средниот блокер Филип Савовски, смета дека тимот мора да одигра поконцентрирано, константно и без осцилации, доколку сака да се надева на добар резултат.
„Имавме доста осцилации на приемот и грешевме на сервис против Естонија.
Се надевам дека денеска ќе го поправиме тоа против Чешка и со тие два елемента ќе имаме добра игра и позитивен резултат“,
вели Савовски.
Кај Чешка се само четворица одбојкари од ланската пресметка со нас на Европското првенство во Скопје. Сепак Чесите има силен тим и затоа важат за фаворити ви вечерашниот дуел.
Мечот Македонија – Чешка, што ќе се игра во салата „Парк“ во Струмица, ќе почне од 20.15 часот.