Екипата на Шкупи е втората која од второлигашката конкуренција, следната сезона ќе ја гледаме во Првата кошаркарска лига. Откако тоа го стори МКК Куманово, вечерва и кошаркарите на Шкупи се пласираа во финалето на плејофот во Втората лига.
Тимот од скопската населба Чаир ја доби „мајсторката“ против Маџари со 77-59, а со тоа и полуфиналната серија со 2:1 во победи.
Домашниот состав подобро го отвори натпреварот и по водените пет минута поведе со 10-2. Во финишот на првата четвртина чаирчани за прв пат имаа и двоцифрена предност, а на првата пауза заминаа со водство 23-15. Имаа домаќините и 11 поени предност во вториот период, но го завршија само со шест разлика (38-32).
За само пет минути игра во второто полувреме Шкупи создадоа голема предност. Реализира домашниот тим 19, а примија само осум поени, па Шкупи во последната четвртина влезе со 17 предност (57-40). Тоа беше повеќе од доволно искусниот тим на чаирчани да го проведе натпреварот во своја полза. Шкупи славеше со убедливи 77-59и обезбеди финале.
Завршните натпревари за конечен пласман ќе се играат во сабота во Куманово. Во финалето за титулата ќе играат не поразениот МКК Куманово и Шкупи, додека во дуелот за третото место Ангели ќе се сретне со Маџари.