Пораз од седум голови разлика на Македонија на гостувањето во Торшавн во дуелот со Фарски острови на првиот бараж дуел за пласман на Светското првенство. Домаќинот Фарски острови знаеше да ги користи своите шанси, на натпреварот додека Македонија се мачеше пред се во нападот, додека во одбраната голем хендикеп беа 18 минути исклучувања.

Македонија натпреварот го почна со неколку технички грешки во нападот пред се, па така по 2:2 противникот брзо дојде до висока предност по серијата од 5-0 и водство од 7:2. Сепак избраниците на селекторот Лазаров брзо се вратија и со серија од три гола намалија на 7:5 во 10.та минута. Во тие моменти имаше и неколку чудни одлуки на судиската двојка од Германија Мајке Мерц и Тања Кутлер, па Македонија по 30 минути имаше дури пет исклучувања. Таквата игра најчесто со играч помалку донесе и водство за Фарски острови од +6 (17:11) во 28.минута.

Вториот дел почна изедначено и во 38.минута беше 22:18, но потоа следуваше „црна дупка“ за македонската репрезентација и цели десет минути без гол, што домаќинот го искористи и поведе со осум разлика. Македонските ракометари до крајот на дуелот не успеаја да ја намалат разлика, а единствен расположен во нападот во последните 10 минути беше Марко Митев.

Најефикасен на дуелот беше Елиас Скипаготу од Фарски острови со 10 голови, додека кај Македонија Филип Кузмановски беше стрелец на 8 голови.

Реванш натпреварот се игра на 12.мај во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“.