Машката ракометна репрезентација на Македонија ја очекува двомеч со Фарските Острови преку кои црвено-жолтите „бркаат“ настап на Светското првенство 2025-та.
Селекторот Кирил Лазаров денеска ја направи првата прозивка. На неговиот список се 20-мина ракометари, но и седуммина резервни.
На повиканите, последни ќе им се приклучат интернационалците Никола Митревски и Филип Талевски. Тие со своите екипи Бенфика и Порто утре го играат меѓусебното дерби во португалското првенство.
Репрезентацијата ќе се подготвува во Скопје, од каде се заминува за Торшавн. Таму во среда (8 мај) ќе се игра првиот натпревар, а почетокот е закажан во 20 часот.
Реваншот е на 12 мај (недела) во СЦ „Борис Трајковски” со почеток во 19 часот. Картите за овој натпревар се одамна пуштени во продажба.