Вториот патник во Првата кошаркарска лига за следната сезона ќе биде решен во „мајсторка“. Ова откако екипата на Маџари го доби реванш полуфиналниот дуел со Шкупи во плејофот на второлигашката конкуренција. Маџари славеше пред своите навивачи со 81-70 и го израмни резултатот на 1:1 во победи, со што се избори за трет решавачки натпревар.
На почетокот на натпреварот гостите од Чаир поведоа со 4-5, но тука застанаа, Со серија од 9-0, Маџари ја презеде контролата над резултатот. До крајот на првиот период постигна уште два повеќе од противникот, па домашниот тим ја доби четвртината со 26-16. Тешко поентираа двата тима во вториот период. Затоа и помал број на постигнати поени 14-18 . На одмор домашниот состав замина со +6 (40-34).
Речиси иста слика и во третиот квартал. Во него Маџари беше подобар, па затоа по 30.минути игра имаше и најголеми до тој момент +13 (59-46). Избраниците на Перо Блажевски го контролираа резултатот, а во 34.минута ги имаат и најголемите на натпреварот +16. Љубиша Димитровски со деветте поени во низа го одржуваше во игра составот на Шкупи, но чаирчани немаа сили да ја анулираат негативата. На крајот Маџари се славеше со конечни 81-70.
Така „мајсторката“ што ќе се игра во Чаир, на теренот на Шкупи ќе реши кој тим ќе биде финалист.
Инаку пласман во финалето, а со тоа и следната сезона во првата лига, веќе обезбеди екипата на МКК Куманово.