Шампионот МЗТ Скопје Аеродром со победа ја почна полуфиналната серија од плејофот со ТФТ. Сино-белите во неизвесен дуел славеа во првиот меч со 79-77 и поведоа со 1:0 во победи во серијата подобар до три.
Неизвесен натпревар одиграа МЗТ и ТФТ во „Јане Сандански“. Ниту еден од тимовите не успеа да создаде двоцифрена предност. МЗТ во неколку наврати беше блиску до тоа и најмногу водеше со +8. Аеродромци ги добија првите две четвртини (22-18 и 19-17) и на паузата заминаа со +6 (41-35). Имаше осум разлика МЗТ во третиот период, но предводени од Ташовски гостите успеаја да израмнат на 55-55. Во последната четвртина се играше кош за кош. Двата тима се менуваа во водство се до самиот финиш. Со тројката на Војдан Стојановски, шампонот поведе до 77-74. Имаа напад за израмнување гостите на 10,4 секунди до крајот, но Калун направи фаул во напад. Делалиќ погоди две слободни фрлања на 8,3 секунди до крајот и практично го реши победникот. МЗТ Славеше со конечни 79-77.
Во победничката екипа, најефикасен беше Војдан Стојановски со 16 поени, додека по 15 постигнаа Дамјан Стојановски, Делалиќ и Танасковиќ. Кај поразениот тим, воедно и на натпреварот, прв стрелец беше Виктор Ташковски со 24 поени.
За МЗТ претстои обврската во АБА2 лигата, реванш полуфиналниот дуел со Спартак, Суботица закажана за во сабота. Затоа најверојатно вториот натпревар меѓу МЗТ и ТФТ ќе се игра во текот на следната седмица, повторно во „Јане Сандански“.