Кога ќе се спомене Реал Мадрид тоа веднаш асоцира на најтрофејниот клуб во елитната Лига на шампиони.

Популарните „кралеви“ се на два чекори од ново финале. Но, за да го сторат тоа ќе треба да го минат минхенски Баерн. Тренерот на Реал, Карло Анчелоти верува дека неговиот тим може да обезбеди натпревар на „Вембли“ каде ќе се игра годинашното финале.

„Имаме голема самодоверба, но и почит кон Баерн. Тие немаат одлична сезона во Бундеслигата, но одиграа спектакуларен двомеч против Арсенал.

Баерн е силен тим во Европа. Мора да ја земеме предвид историјата на клубовите во Лигата на шампионите, тоа исто нешто значи“,
изјави Анчелоти.

Многумина не веруваа дека „кралевите“ можат до самата завршница, но, Анчелоти не се согласува со тоа.

„Реал никогаш не смее да биде потценет во ова натпреварување. Секој знае што може да направи. Чувствуваме голема почит која доаѓа од сите во конкуренцијата.

Полни сме самодоверба, но играме против силен противник. Првенствено среќни сме што сме тука. Ретко кој веруваше дека ќе ја одржам оваа прес-конференција, но успеавме. А, се надеваме дека повторно ќе играме финале“,
нагласи италијанскиот стратег на „кормилото“ на Реал.

Дуелот меѓу Баер и Реал што ќе се игра во Минхен ќе почне во стандардниот термин од 21 часот.