Македонскиот мотоциклист Синиша Кочоски со одличен настап ја започна новата сезона во најсилната класа во БМУ Европскиот шампионат. Кочоски е бранител трофејот во оваа класа од минатата сезона.

Членот на „ Silent Hunters“ имаше забележителен настап во првиот викенд во сезона. Тој на патеката во Серес, Грција, освои прво и второ место.

Во првата трка Кочоски ја запиша првата овосезонска победа, а во втората трка заврши на второто место. Треба да се напомене дека Кочоски новата сезона ја започна со нов мотоцикл. Откако шампионскиот „Кавасаки“ замина во историја и ќе ја красни неговата гаража, шампионот во новата сезона ќе води мотоцикл од брендот „БМВ“.

„Задоволен сум од пласманот во првите две трки. Како и секој почеток, така и овој е многу тежок. Полека се прилагодувам на новиот мотоцикл затоа што се работи за две различни конфигурации и треба време да се прилагодам целосно за да бележам подобри резултати.
Сепак, среќен сум што сезоната ја започнав со победа и второ место.
Ветувам дека и во текот на целиот шампионат, јас и мојот тим, ќе го даваме максимумот за да оствариме нов голем успех.
Сакам да им се заблагодарам на спонзорите и семејството кои и оваа сезона се мојата најголема поддршка“,
рече Кочоски.

Вториот викенд од БМУ Европскиот шампионат ќе се одржи во јуни. Но, следен предизвик за Кочоски ќе биде стартот на сезоната во ФИМ Европа и Алпе Адриа шампионатот, кој започнуваат кон средината на мај, на патеката во „Гробник“ во Хрватска.