Екипите кои беа подобро рангирани на крајот на регуларниот дел, и имаа фаворитската улога, го оправдаа тоа. Забележаа стартни победи во првите четвртфинални дуели од Втората кошаркарска лига.

Најубедлив старт имаше екипата н Шкупи која со 110:74 славеше победа над велешки Борец Баскет. По релативно изедначениот почеток, екипата од Скопје имаше фуриозни десет минути. Во втората четвртина домаќините направија (39-15) за релаксирани втори 20.минути. Во победничката екипа Џеладини постигна 16 поени, капитенот Камбери беше реализатор на 15. Двоцифрени беа Тачи и Димитровски кои додадоа по 13 и 11 поени. Во гостинската, Карталовиќ уфрли 16 поени, а Камишев и Колев по 13.

Маџари го совлада штипски Соколи со 89:80 и исто така поведе во четвртфиналната серија. Домашната екипа имаше одличен старт. Во првите десет минути се стекна со висока предност (29:16), која се покажа како недостижна за противникот. Карло Блажевски реализираше 20 поени, Паоло Блажевски погоди шест тројки и заврши со 18 поени. Капитенот на тимот од Милков и Тодоровски постигнаа уште по 15 поени. Во екипата од Штип, Коцев постигна 16, Шајкаров даде еден помалку, а Мирков 14 поени.

Најнеизвесно беше во салата „Независна Македонија“ во Скопје, каде се сретнаа екипите на Ангели и на МЗТ Скопје УБ. На крајот победата со 70:66 забележаа домаќините.

Давид Трпески реализираше 17 поени во екипата-победник, која имаше водство на полувремето (37:33). Но гостите од Аеродром го анулираа негативата во третиот период, па дури и поведоа, со (56:54). Сепак, разиграниот Трпески и капитенот Бојан Стојановски, со мирната рака од „пенал“ линијата, му донесоа предност од 1:0 во победи на тимот на Ангели.

Утре, во салата „Перо Наков“ во Куманово, својот прв четвртфинален дуел ќе го одиграат МКК Куманово и Мега баскет.

ВТОРА ЛИГА (МАЖИ) – ПЛЕЈОФ ЧЕТВРТИНАЛЕ
Сабота

(4) АНГЕЛИ – МЗТ СКОПЈЕ У.Б. 70-66 (1:0 во победи)
(3) МАЏАРИ – СОКОЛИ 89-80 (1:0)
(2) ШКУПИ – БОРЕЦ БАСКЕТ 110-74 (1:0)
Недела
16.00 (1) МКК КУМАНОВО – МЕГА БАСКЕТ

  • *Четвртфиналето се игра во два добиени натпревари
  • *Во полуфинале ќе играат победниците од дуелите, (1) – (4) и (2) – (3)