Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ се врати на терените со триумф. Србинот, во својот прв меч по разделбата со тренерот Иванишевиќ победи на Мастерсот во Монте Карло.
Пласман во осминафиналето Ѓоковиќ избори за само 70.минути во мечот против Русинот, Роман Сафиулин кој го доби во два сета.
Ѓоковиќ од самиот почеток на мечот наметна силен ритам кој Русинот не можеше да го следи. Многу брзо српскиот тенисер поведе со 4:0 и практично ја заврши приказната во првиот сет добивајќи го со 6-1.
Во вториот Сафиулин пружи нешто посилен отпор, но повторно Ѓоковиќ брзо дојде до брејк предност, и поведе со 4:1. До крајот на противникот му дозволи да освои само уште еден гем, а сетот го доби со 6-2, за пласман во осминафиналето.
Таму неговиот следен ривал ќе биде подобар од дуелот меѓу Италијанецот Лоренцо Музети (24. на АТП листата) и Французинот Артур Филс (36.место).