Женската ракометна репрезентација на Македонија со нова победа ги заврши квалификациите за европскиот шампионат. Македонските ракометарки во натпревар од последното коло во СЦ „Борис Трајковски“ ја совладаа Литванија со 34:24.
Натпреварот започна со по еден гол на двете страни. Нашата репрезентација во 5-тата минута успеа да поведе со 3:1. Репрезентацијата на Литванија не се откажа и веднаш израмни на 4:4. Македонија во 17-тата минута успеа повторно да поведе со +3 (10:7). Нашата репрезентација постепено ја зголемуваше предноста па во 22-та минута поведе со 13:8. На полувреме црвено-жолтите заминаа со 18:12.
Во втората половина нашата репрезентација успешно ја одржуваше предноста што ја создаде во првото полувреме. Македонија во 37-та минута ја зголеми предноста на +9 (23:14). Репрезентацијата на Литванија успеа да ја намали негативата на 27:23. Но, црвено-жолтите во 53-тата минута повторно поведоа со +8 (32:24). Крајниот резултат беше 34:24.
Најефикасни од нашата репрезентација беа Емилијана Ризоска и Андреа Седловска со шест погодоци.
Нашата репрезентација со триумфот над Азербејџан го обезбеди пласманот на Европското првенство.
Кои ќе бидат противниците на Македонија на Европскиот шампионат ќе дознаеме на 18 април по ждрепката во Виена. Континенталното првенство ќе се одржи од 28 ноември до 15 декември во Швајцарија, Австрија и Унгарија.
Ивона Кимовска