Големото англиско дерби меѓу Манчестер Јунајтед и Ливерпул ги оправда очекувањата. Одличен фудбал, четири гола, пресврти и бројни шанси видоа љубителите на фудбалот.

Дуелот на „Олд Трафорд“ заврши без победник 2-2, што веројатно е и најреалниот резултат на мечот.

Ливерпул доминираше во првиот дел, а тоа и го покажа и играта и статистиката. Резултатот го отворија преку Луис Диаз во 23-та минута со ефектен волеј.

Во вториот дел Манчестер Јунајтед се разбуди. Најпрво изедначи на 1:1 со голот на Бруно Фернандес во 50-та минута, а потоа и поведе со 2:1 со голот на Коби Мајно. Но, радоста за „ѓаволите” траеше кратко бидејќи по невнимание на одбраната Јунајтед им подарија пенал на Ливерпул. Салах беше прецизен од белата точка и ги постави конечните 2:2.

Ливерпул изгуби два многу важни бода во трката за Премиер Лигата. Моментално „црвените” и Клоп се на втората позиција со 71 бод исто колку и лидерот Арсенал. Манчестер Јунајтед пак се на 6-та позиција со 49 бода.