Битолски Пелистер славеше над Еуро Никел со 94:60, за водство од 1-0 во победи во четвртфиналето на кошаркарскиот шампионат на Македонија.
Одличното „отворање“ кое го имаа битолчани го одреди и понатамошниот тек на натпреварот. Уште во раната фаза од натпреварот изградија двоцифрена разлика, која на истекот на првиот период беше 13.поени (24:11). Не попуштија ниту во продолжението од играта, па до големиот одмор, се стекнаа со уште повисоки (43:26).
Најрамноправно се играше во третата четвртина во која двата ривали си поделија по 20 поени. Сепак, она најважното, барем за Пелистер беше тоа дека разликата остана иста (63:46).
Евидентно беше дека гостите од Кавадарци не се максимално подготвени и сконцентрирани да ги предизвикаат „пелистерци“, барем не на овој прв натпревар од серијата, која ќе продолжи за некоја вечер со уште еден меч во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
На овој немаше големи дилеми околу победникот. Пелистер одигра максимално, а во оној статистички дел имаше дури петмина кошаркари со двоцифрен поентерски учинок.
Маслинко и Мијовиќ реализираа по 16.поени, Планиниќ имаше и дабл-дабл бројки, односно 11.поени и 10.скока. Најт додаде уште 13, а Драговиќ 10.поени.
Во кавадаречкиот состав, капитенот Соколов беше стрелец на 20 поени, а Дубински постигна два помалку (18).