Откако пред пет дена го загубија дуелот со шампионот Работнички, одбојкарките на Струмица се вратија на победите. Во дербито на 5.коло од втората Фаза-1, струмичанки славеа победа на гостувањето кај Јанта волеј со 3-2.

И тоа можеби немаше да биде толку вредно доколку победата не беше со пресврт по негатива од два сета, а згора на тоа остварена без своите најдобри одбојкарки. На клупата останаа капитенката Елена Пандева и Александра Шчекиќ. И без нивната помош Струмица стигна до 18-тата победа.

Домашната екипа на Јанта волеј ги доби првите два сета со 25:22 и 25:20. На повидок беше и чисти 3-0, но во третиот сет по голема борба Струмица намали на 1-2 добивајќи го сет со 26:24. Тоа како да им даде „крила“ на гостинките па го добија и четвртиот со 25:22 за израмнување на 2-2. Во решавачкиот трет сет, гостинките беа очигледно психолошки подобро подготвени и по сконцентрирани, па и тој сет го решија во своја полза со 15:10, за триумф со конечни 3-2 во сетови.

И пред овој меч беше јасно дека Струмица од првата, а Јанта волеј од втората позиција ќе го дочекаат разигрувањето за титулата.

Кои ќе бидат нивните полуфинални противници ќе дознаеме во понеделник.

За тогаш во Струмица е планиран дуелот меѓу трето и четврто пласираните екипи на табелата, Наковски волеј против актуелниот шампион Работнички.

ПРВА ЛИГА (ЖЕНИ), ВТОРА ФАЗА-1, 5.КОЛО
ЈАНТА ВОЛЕЈ – СТРУМИЦА 2-3 (25:22 25:20 24:26 22:25 10:15)
НАКОВСКИ ВОЛЕЈ – РАБОТНИЧКИ (понеделник од 19 часот)

ТАБЕЛА: Струмица жени 18-1, Јанта волеј 13-6, Работнички Скопје 10-8, Наковски волеј 10-8.

ПРВА ЛИГА (ЖЕНИ), ВТОРА ФАЗА-2, 5.КОЛО
МЛАДОСТ УГД – ФИТ ФАН ВОЛЕЈ 2-3 (25:22, 25:20, 24:26, 21:25, 11:15)
ВАРДАР ЕМ – ВАРДАР ЖЕНИ 3-0 (25:12, 25:19, 25:10)

ТАБЕЛА: Фит фан волеј 11-8, Младост УГД 8-11, Вардар ЕМ 5-14, Вардар жени 0-19.