Во рамките на претстојната ЕХФ недела, три машки ракометни репрезентации на Македонија ќе бидат активни.

Најдобрата вчера се собра во Скопје, каде ќе одработи мини подготовки за двата дуели со Романија што ќе се играат во градот Браила на 15 и 16 март.

Неколкуте откажувања поради повреди, се шанса за помладите, изјави на собирот селекторот Кирил Лазаров.

Еден од нив ќе биде и голманот на Алкалоид, Иван Галевски кој е прекомандуван од младинската селекција.

„Чест и задоволство ми е што сум дел од сениорската репрезентација. Гордост е да се бранат боите на својата земја.

Ова е голем мотив плус за мене во развојот на мојата кариера. Чувството е одлично, да можам да учам од поискусните.  Ќе се обидам да се наметнам и да ја оправдам довербата.

Романија е добар тест пред натпреварите против Фарски Острови“, вели младиот Галевски.


Кога сме кај младите селекции.

Денеска првата прозивка ќе ја направи и Наум Танески, селекторот на кадетите односно репрезентацијата до 18 години. Тие ден порано од сениорите односно на 14-ти и 15-ти март ќе гостуваат на врсниците во Црна Гора.

Последни ќе се соберат, но и играат младинците. Радослав Стојановиќ утре ќе ја направи прозивката на играчите до 20 години кои во Скопје на 15-ти и 16-ти март ќе спарингуваат со Хрватска. Токму Хрватите ќе бидат е еден од противниците на македонските младинци на Европското првенство, што ќе се одржи летово во Словенија.