Стојан Ѓуроски беше еден од најдобрите поединци во нашата селекција, ако може да се издвојат таквите во феноменалното издание на „црвено-жолтите“ на теренот во Сосновиец.
Поедноставно кажано „ја прегазивме“ четвртата европска селекција на последниот Евробаскет, и покажавме дека можеме многу повеќе со овој играчки „ростер“.
Ѓуроски кој одамна има свое место во репрезентацијата против Полска, постигна 17 поени.
„Влеговме максимално мотивирано во натпреварот. Знаевме од каква значење е за нас. И тоа дефинитивно ни се исплатеше.
На нивната игра одговоривме со една многу поголема агресивност. Мислам дека можеби малку и нè потценија.
Сметам дека енергијата беше клучен фактор за победата на овој натпревар. Мислам дека на крилјата на оваа победа треба да продолжиме да се надградуваме како тим.
Можеби лош момент е победата на Естонија против Литванија. Меѓутоа тоа не значи ништо за нас.
Има уште многу да се игра во овие квалификации и ќе се потрудиме да победиме на што повеќе натпревари. Ова во Полска беше само првиот“, изјави Ѓуроски.
Следните два натпревари во квалификациите Македонија ќе ги игра против Литванија, прво на домашен, а потоа на гостински терен.