Американскиот кошаркар Џон Гилон (29 год, 183 см.) е најновото засилување за МЗТ Скопје Аеродром. Toj денеска потпиша договор со актуелниот шампион со важност до крајот на сезоната.
Станува збор за искусен кошаркар кој игра на двете бековски позиции и кој треба да ја пополни празнината по прекинот на соработката на Седрик Расел.
Гилон во МЗТ доаѓа од Литванија, каде настапуваше за прволигашот Пиено. Претходно тој има играно и за турска Дарушафака, унгарскиот тим Алба Фехервар и за две екипи од Тајван.
Во периодот помеѓу 2017 и 2019 година Гилон бил дел од три екипи од развојната „Џи лига“. Универзитетската кариера ја минал на три колеџи и тоа Литл Рок, Колорадо стејт и за Сиракјуз.
Гилон се очекува неделава да пристигне во Скопје, каде што ќе има доволно време за аклиматизација со оглед на паузата во првенството. Неговото деби се очекува на средбата против Феникс закажана за 3 март.