Екипата на Пелистер ќе го предизвика МЗТ Скопје во финалето на кошаркарскиот Куп на Македонија.

Ова е епилогот по вториот одигран полуфинален натпревар на турнирот во Битола, во кој Пелистер славеше над Еуро Никел со 78-68.

Домашната екипа подобро го започна натпреварот. Имаа пелистерци и осум поени предност, но првата четвртина ја завршија само со пет разлика (18-13). Вториот период им припадна на кавадарчани (23-21), па на пауза се замина со резултат 39-36 за Пелистер.

И по третиот период ниту еден од тимовите не успеа да направи поголема резултатска предност, па во последниот пелистерци влегоа само со поен предност 55-54. Така беше се до резултат 59-59, која домаќините направија серија од 13-0 и поведоа со 72-59 (+13). Таквата предност избраниците на Радуловиќ знаеја како да ја сочуваат и заслужено да се радуваат на победа со конечни 78-68.

Јуре Планиниќ и Андреј Маслинко одиграа фантастичен меч. Хрватот натпреварот го заврши со 27 поени од кои 22 во првото полувреме, а македонскиот репрезентативец постигна 22 поени.

Така Пелистер се избори за финале во кое ќе игра против бранителот на трофејот и актуелен шампион МЗТ Скопје Аеродром. Финалниот дуел на програмата е утре од 18 часот.