Три дена до стартот на пролетниот дел од натпреварите во Првата македонската фудбалска лига дел од судиите се физички не подготвени.
ФФМ од 7 до 11 февруари во Кичево организираше заеднички семинар за фудбалски судии и контролори пред втората полусезона.
„Ние како судиската организација сме задоволни од физичката подготвеност на асистентите судии, додека не сме задоволни од физичката подготвеност на одредени судии кои произлегуваат од главната листа.
Во иднина ќе треба судиите да си постават пред себе која е нивната цел и нивниот приоритет во натамошната кариера“, вели првиот човек на судиската организација при ФФМ, Димитар Мечкаровски.
Тој меѓу другото потенцира дека организацијата и федерацијата им ги овозможила сите услови на арбитрите, подготвени да ја дочекаат сезоната.
„Судиите оваа зима, имаа одлични временски услови за физички да се подготват на највисоко можно ниво. За време на семинарот временските услови беа повеќе од идеални и на судиите беше да го покажат тоа што го сработиле во текот на подготовките.
Ние како судиска организација секогаш работиме според правилата и начинот на работа во тесна координација со УЕФА и другите европски организации.
Како што напоменав, судиите ги добиваат најновите информации и промени околу критериумите во судењето.
Исто така, за да можат да работат, добиваат и посебна програма за физичката подготовка од фитнес тренерот Сашо Даневски, кој за нив е достапен како и сите ние во секој момент и воедно е еден од главните фитнес тренери на УЕФА.
Така, судиите ги имаат сите услови од страна на фудбалската федерација, со што им преостанува само правилно да работат, да напредуваат и да се надградуваат“, дополнува Мечкаровски.
Во првиот дел од семинарот се одржа предавање за контролорите, а беa дадени и насоки за новата сезона.
Се работело со главните и асистенти судии, предавања од најновите презентации со видео клипови, полагање на видео тест и на крај полагање на физичките норми.
На семинарот се одржа и полагање на одредени судии, кои ги исполнуваат условите за стекнување со Републичка и Прва Категорија.
Фудбалската сезона во Првата лига продолжува во сабота со натпреварот Гостивар – Вардар. Останатите дуели на програмата се во недела, сите од 14 часот.