Дуелот во Македонска Каменица, помеѓу екипите на Баскет кам 2011 и МЗТ Скопје Аеродром беше оквалификуван како дерби на последното, 14. коло од првата фаза.

Но, случувањата на теренот во салата „Кирил и Методиј“ не го „потврдија“ тоа. Постоеше само една екипа, домашната, која на крајот дојде и до повеќе од убедлива победа (102:58). Со оваа победа шампионот го потврди првото место пред следниот круг од натпреварите.

А, некако во „преден план“ беа остварувањата на Ивана Кметовска и Цветанка Димовска. Репрезентативното крило реализираше двоен ефект од 25.поени, 15 скока, имаше и три асистенции. Слични бројки имаше и Димова, која заврши со 27.поени и 10 скока, и исто така, три успешни додавања.

Во домашната екипа, Адамоска даде 13 поени (и девет асистенции), исто толку и капитенот Поп- Димитровска, додека Николов беше стрелец на 12 поени.

Во гостинската екипа, далеку најефикасна беше Томас, која постигна 27 поени, а 19 поени даде нејзината американска сонародничка Ричардсон.

Многу понеизвесен меч се играше „Под Кале“ каде актери беа екипите на Вардар и на Крива Паланка. По голема борба, буквално до последните секунди, победата ја однесоа „вардарки“. Беше минимална, (84:82) реализирана со двете слободни фрлања во финалните секунди.

Претходно, домашната екипа имаше предност на полувремето, иако не висока (49:43), слично беше и на истекот на третиот период (70:63).

Сепак двете екипи го дочекаа последната минута со егал скор (82:82). Vо последните секунди „вардарки“ беа поснаодливи во нападот. Остварија два офанзивни скока од кои поентираа за победа, за нив 11-та во првенството за второ место на табелата.

Една од најмладите во ростерот на „црвено-црните“, Ања Начевска, беше и најефикасниот играч, реализираше 24.поени, а имаше и осум скока. Одлична игра прикажа Матие, која освен 14. поени, додаде и 17.скока, и пет асистенции. Зафировска реализираше 15, а Димитријевиќ уште 14. поени за Вардар.

Екипата на Бадел 1862 го покажа својот квалитет на гостувањето во Кавадарци. Бадел беше многу подобра од Пробаскет (103:71), па овој прв дел од првенството „баделки“ го завршуваат со скор (5-9) и делба на позицијата број 6, токму со екипата од Кавадарци.

Во среда, во салата „Нико Нестор“, Струга 2009 го дочекува составот на Куманово-Гризли.

ПРВА „А“ ЛИГА (ЖЕНИ) – 14.КОЛО
Баскет кам 2011 – МЗТ Скопје Аеродром 102:58
Пробаскет – Бадел 1862 71:103
Вардар – Крива Паланка 84:82
среда
18.00: Струга 2009 – Куманово-Гризли

ТАБЕЛА: Баскет кам 2011 26, Вардар 25, МЗТ Скопје Аеродром 23, Крива Паланка 21, Куманово-Гризли 19 (-1), Пробаскет 19, Бадел 1862 19, Струга 2009 13 (-1);