Градот Битола и спортската сала „Боро Чурлевски“ ќе бидат центарот на спортските случувања во наредните осум дена.

Почнувајќи од утре (сабота, 10-ти), па се до се до следната сабота (17 февруари), во овој спортски „храм“ ќе се играат супер интересни ракометни и кошаркарски натпревари.

Се ќе започне со ракометното „Супер дерби“. Дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар разбирливо е настан број 1 кога во прашање е македонскиот ракомет.

Овој натпревар е закажан за сабота (10 февруари) од 18 часот.

„СУПЕР ДЕРБИ“

Шампионот Еурофарм Пелистер нема да има многу време за одмор. Пелистерци веќе во среда (14 февруари) ги чека нов предизвик. Во натпревар од Лигата на шампионите, во Битола гостува францускиот гигант Париз Сен Жермен.

Ден по ракометниот спектакл, во истата сала ќе почне и завршниот турнир во кошаркарскиот Куп на Македонија.

Шампионот МЗТ Скопје Аеродром ќе се обиде да го одбрани трофејот „Благоја Георгиевски – Буштур“, почнувајќи со четвртфиналниот дуел со Гостивар.

Главни конкуренти на аеродромци секако ќе бидат домашните кошаркари на Пелистер кои во четвртфиналето ќе играат со Феникс.

Полуфиналните дуели на програмата се во петок, а финалето во сабота на 17 февруари).