Македонската ракометна репрезентација со победа го заврши Европското првенство во Германија со триумф над Швајцарија со 29:27 (13:9). Со оваа победа македонската ракометна репрезентација ја прекина серијата порази на европските првества која траеше седум натпревари од дуелот со Украина на шампионатот 2020 година.
Одлични 30 минути одиграа македонските ракометари во првото полувреме против Швајцарија. За разлика од претходните натпревари ги намаливме техничките грешки во првиот дел и завршивме со пет, но водевме со 13:9. На почетокот се играше гол за гол, а Швајцарија поведе со 5:4 откако нивниот капитен Шмид го постигна третиот гол. Но, потоа следуваа осум минути без примен гол за Македонија пред сè благодарение на расположениот Мартин Томовски на голот, кој одбрани неколку зицери и еден седмерец во тој период. Македонија имаше серија од 6-0 за осум минути и водство од 10:5. Швајцарците постигнаа три голови, но по тајм аутот на Лазаров, нашата репрезентација постигна уште три гола во серија за 13:8.
Вториот дел продолжи со гол за гол и под 17:12 за Македонија следуваше серија од три гола на Швајцарија кога беше исклучен Џонов. По 21:17, Македонија постигна два гола, а противникот шест за 23:23 кога Шмид го постигна својот 10.ти гол во 51.та минута. Противникот брзо потоа поведе со 25:24, иако во тие моменти и вториот голман на Македонија вечерва (капитенот Митревски поради повреда не беше во состав) имаше две одбрани (еден седмерец). По 10-то изедначување (27:27) со голот на Талески – 58:40 минута Македонија изедначи, а потоа ја казнивме грешката на противникот и Јагуриновски од контра реализираше за водство на Македонија 28:27. Во следниот напад Томовски ја „фати жива“, а по тајм аутот на Лазаров, Митев реализираше за 29:27 и победа на Македонија.
Головите за Македонија ги постигнаа: Митев 5 (5), Ненад Костески 5, Пешевски, Кузмановски 4, Талески 3, Јагуриновски 3, Атанасијевиќ 2, Маркоски 1, Лазаревски 1, Никола Костески 1.
Македонските голмани имаа Томовски 12 одбрани (1 седмерец) и Кизиќ 2 (1 седмерец).
Најефикасен на дуелот и најдобоар играч беше Андре Шмит со 12 гола.
Со победата над Швајцарија Македонија е трета во групата со тоа што во баражот за Светското првенство ќе биде рангирана во првиот шешир.