2024-тата е Олимписка година. Претстојното лето во Париз ќе се одржи најголемиот светски спортски самит Летните Олимписки Игри (ЛОИ).

Додека целиот спортски свет се подготвува за игрите, а сите се насочени кон остварување на врвни резултати, кај нас во Македонија се подготвуваат „олимписки избори“.

Имено дури 31 член на Собранието на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) поднесоа иницијатива за разрешување на претседателот Даниел Димевски.

26 федерации и 5 членови (индивидуалци) со право на глас на Собранието, поднесоа иницијатива за одржување на Вонредно Изборно Собрание.

Димевски во 2020-тата го наследи Васил Тупурковски на претседателското место, а делегатите му доверија пет годишен мандат. Сега, најголемиот дел од оние кои тогаш гласаа за Димевски се потписници на иницијативата за негово разрешување.

Меѓу нив и кошаркарските легенди Тодор Гечевски и претседателот на МКФ, перо Антиќ кои беа блиски соработници со Димевски години наназад.

Во иницијативата доставена до МОК стои:

 „Во името на повеќе од половина членови на Собранието на Олимпискиот Комитет на Македонија, би сакал да Ве информирам дека официјално е поднесено барање за свикување „Вонредно Собрание на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија.

Истото е поднесено согласно член 24, ставовите 3 и 4 од Законот за здруженија и фондации, и врз основа на член 29 став 3 од Статутот на Олимпискиот Комитет на Македонија.

На барањето на свикување на Вонредно Собрание на Олимпискиот Комитет на Македонија потпишани се 26 (дваесет и шест) федерации и 5 (пет) индивидулани членови од Собранието.

Барањето за свикување Вонредно Собрание кое после повеќе неуспешни обиди конечно на ден 09.01.2024 година е примено во архивата на Олимпискиот Комитет на Македонија ги содржи следните точки на Дневен ред:

1. Разрешување на Даниел Димевски, актуелен Претседател на Олимпискиот Комитет на Република Македонија
2. Избор на нов Претседател на Олимпискиот Комитет на Република Македонија
3. Разрешување на актуелниот состав на Управниот одбор на Олимпискиот Комитет на Македонија
4. Избор на нов состав на Управен одбор на Олимпискиот Комитет на Македонија
5. Разно“