Машката ракометна репрезентација се најде во тешка група на Европското првенство во Германија што почнува денеска.

Македонските ракометари ќе ја имаат честа да играат на отворањето против олимпискиот шампион Франција.

Покрај тоа Македонија како дел од А групата првиот натпревар ќе го игра на стадионот во Дизелдорф на „Меркур Шпиел Арена“, кој собира 55.000 гледачи, а специјално е подготвен за ова Европско првенство каде ќе се играат само два натпревара Македонија – Франција и Германија – Швајцарија на првиот ден на шампионатот.

Македонскиот национален тим ќе го има своето осмо учество на европските првенства, а секако останува најдобриот пласман од 2012 година кога бевме пласирани на 5-то место.

Македонската репрезентација на ова првенство ќе биде предводена од селекторот Кирил Лазаров, додека на теренот ќе бидат голманот Никола Митревски, Филип Кузмановски, Филип Талески, Жарко Пешевски, …

Македонија се наоѓа во силна група, а само двете првопласирани репрезентации продолжуваат во главата фаза. Секако тука фаворити се: Франција и Германија. За нашиот тим можеби вистинскиот предизвик ќе биде натпреварот со Швајцарија во Берлин во 3.коло, односно дуел да се види вистинската слика на македонскиот национален тим.

Франција е првиот противник и таа е една од трите репрезентации заедно со Шпанија и со Хрватска, која има учество на сите 16 европски првенства (Македонија ќе го игра осмото првенство или седмо во низа). Денешниот ривал има три европски титули, но и „триколорите“ последната титула ја освоија пред десет години (2014).

Сепак Никола Карабатиќ и натаму е лидерот на овој тим, кој вообичаено кога е олимписка година на европските првенства игра во „втора брзина“, но сега желбата на домашен терен да се игра како европски и олимписки шампион на Игрите во Париз ги вбројува Французите во групата на фаворити за првото место и медaли.

Македонија и Франција имаат одиграно и еден натпревар на Европско првенство во 2016 година на 15. јануари во Краков, Франција победи со 30:23.

Натпреварот Македонија – Франција ќе го судат шведските судии Мирза Куртагиќ и Матиас Ветервик.

Почетокот на дуелот е во 18 часот, додека од 20:45 часот се игра дуелот меѓу домаќинот Германија и Швајцарија.