По кратката новогодишна пауза македонските ракометари ги продолжуваат подготовките за Европскиот шампионат.
Од денеска во Скопје, избраниците на Кирил Лазаров ја почнуваат втората фаза. Во неа предвидени се и два контролни натпревари против Грција.
Првиот ќе биде од отворен карактер, а ќе се игра во четврток во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 17 часот. Влезот за овој натпревар ќе биде слободен, додека вториот меч ќе биде затворен за јавноста.
Еден од поискусните во националниот тим Филип Кузмановски вели дека без разлика што Македонија игра против големи фаворити, ракометарите ќе се борат до крај.
„Кога станува збор за репрезентацијата, сите од нас многу очекуваат во Македонија. Ние се бориме за Македонија, за нашите навивачи, чест и задоволство е да играш за репрезентацијата.
Отвораме против Франција во Диселдорф пред многу публика (55.000 гледачи). Морам да ги пофалам македонските навивачи кои секогаш доаѓаат да навиваат за нас.
Ние сме македонски менталитет, ние сакаме да се бориме, да играме до последна минута.
Ние сме млада екипа, имаме квалитет, веруваме во системот што го работиме, мислам дека во иднина ќе имаме добри резултати.
Се подготвуваме, ги анализираме Французите, ќе се бориме како Македонци, а на крајот ќе видиме како ќе биде“, изјави Кузмановски во интервјуто за „Балкан Хендбал“.
Македонските ракометари за противници на ЕП ќе ги имаат фаворитите Франција, домаќинот Германија и селекцијата на Швајцарија.