Македонија и Англија вечерва го играат последниот натпревар во квалификациите за ЕУРО 2024-та.
По подолг период националната арена „Тодор Проевски“ ќе блесне во полн сјај.
За разлика од претходниот натпревар со Италија, овојпат фудбалерите ќе имаат можност да играат на одлично подготвен терен.
Фудбалерите ќе ги имаат сите услови да демонстрираат врвен фудбал, а и присутните навивачи да потврдат дека Македонија има одлична публика.
Од ФФМ информираа дека сите кои ќе присуствуваат на натпреварот, треба најдоцна половина час порано да бидат присутни на арената.
„Драги навивачи и поддржувачи на македонската фудбалска репрезентација,
Упатуваме порака со фер и коректно навивање да им помогнеме на „Рисовите“ да дојдат до позитивен резултат на утрешниот натпревар против Англија на Националната арена „Тодор Проески“.
Праќаме порака до сите кои ќе го следат натпреварот на Националната арена дека влезовите на стадионот ќе бидат отворени од 18:15 часот до 20:15 часот.
Навременото доаѓање на стадионот ќе биде од корист за сите бидејќи нема да создава метеж пред влезовите на Националната арена“.
Натпреварот Македонија – Англија започнува од 20 часот и 45 минути.