Младата ракометарка на Чаир, Хана Мифтари е во ред. Скопската екипа објави фотографија со информација на Хана од локалната холандска болница, но за среќа таа сега е во ред. 

Имено на синоќешното гостување кај Венло во ЕХФ Европскиот куп, Хана се здобила со потешка повреда. 

Во 25.минута од натпреварот, при еден пробив, противничката ракометарка со коленото ја удрила Хана во лицето. Младата чаирска ракометарка имала поместување на вилицата, па морала итно да биде префрлена во локалната болница каде и било укажана помош. 

„Натпреварот кој се одигра во Холандија можеше да биде фатален за најмладиот играч во тимот Хана Мифтари. За среќа, здравствената состојба на играчот е добра“,
информираат чаирчани.
 
Дуелот беше во прекин подолг период, по што продолжи.  Чаир претрпе нов убедлив пораз и го заврши настапот на европската сцена
 
„Се извинуваме за лошите настапи на европските натпревари, не бевме тим овие два натпревари. За нашите семејства, нашите поддржувачи и за сите гледачи на Чаир. Денес е потешко да се каже, но овој натпревар не го претставува Чаир. Се извинуваме, и ние сме (повредени). Но, нека знаат нашите гледачи дека ќе бидеме добри и во Купот и во Супер Лига. Да гледаме напред“, напишаа од ЖРК Чаир. 
 
Екипата која летово се засили со неколку квалитетни ракометарки, треба да биде еден од конкурентите пред се на Ѓорче Петров во борбата за титулата, заедно со Вардар и Куманово.