Од утре до недела во Скопје, ќе се одржи третото издание на меморијалниот турнир „Драган Василов – Цевка“.
И годинава во чест на легендарниот кошаркарски стратег чија страст беше работа со младите категории, турнирот ќе има меѓународен карактер.
Својата пријава за учество одамна ја потврдија осум екипи кои од 15 до 17 септември ќе се натпреваруваат во големата сала на Спортскиот центар „Јане Сандански“.
Предводник на листата на учесници на овогодинешното издание е У15 селекцијата на белградски Партизан.
Во Аеродром доаѓа и повеќекратниот романски првак Клуж, Перник од Бугарија, Интер од Братислава, црногорскиот Ол Стар и нишки Триумф.
Македонски претставници на турнирот посветен на Драган Василов Цевка ќе бидат екипите на МЗТ Скопје Аеродром и на Вардар.
Осумте екипи на турнирот, на кој ќе учествуваат момчиња родени 2009 година (и помлади), се поделени во две натпреварувачки групи.
Во групата „А“, ќе се натпреваруваат екипите на Триумф, Перник, МЗТ Скопје Аеродром и Клуж, додека во групата „Б“ ќе разигруваат: Вардар, Партизан, Ол Стар и Интер Братислава.
Организатор на турнирот „Драган Василов Цевка“ и оваа година е Општина Аеродром, а помагатели се КФСМ и Македонскиот Олимписки Комитет.
Влезот за натпреварите на овој турнир во СЦ „Јане Сандански“ ќе биде бесплатен.