Втор ден натпревари на меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка”, што се одржува во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Турнирот е своевидно загревање за претстојното Европско првенство чиј ко-домаќин ќе биде и Скопје од 30 август.
Воедно тоа се и последни контролни натпревари за македонските одбојкари.
Црвено-жолтите кои вчера беа поразени од Јапонија (0-3), денеска ќе се соочат со африканскиот претставник на овој турнир Египет.
Популарните „фараони“ вчера беа подобри од Грција со 3-1, со што потврдија дека ќе бидат тежок спаринг партнер.
„Не го следев во целост натпреварот, фокусирајќи се на нашиот. Сепак за мене е изненадување што Египет победи. Тоа само потврдува дека се одлична репрезентација против кој мора да одиграме максимално сконцентрирано ако сакаме победа“, изјави капитенот Никола Ѓорѓиев по мечот со Јапонците.
Натпреварот Македонија – Египет ќе стартува во терминот од 20.15 часот, а претходно од 17.30 ќе играат Јапонија и Грција.
Влезот за сите натпревари на турнирот е слободен.