Македонската одбојкарска репрезентација од петок до недела ќе настапува на меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка”.
Тоа ќе биде последната контрола за избраниците на селекторот Јошко Миленковски пред настапот на ЕП чиј ко-домаќин е Скопје.
На 47-то издание на турнирот покрај Македонија ќе играат и репрезентациите на Јапонија, Египет и Грција. Ова е прв пат овој турнир на има интерконтинентален карактер.
Промоцијата на турнирот беше одржана во Агенцијата за млади и спорт чиј директор истакна:
„Овој август со право може да го наречеме месец на одбојката. Во Скопје ни следува „Чајка“ па натпревари од Европското првенство. Се надевам дека се ќе помине во најдобар ред. АМС е генерален покровител, но апел и до компаниите да се вклучат во помагање на репрезентацијата. Македонските одбојкари заслужуваат поддршка од сите. Тие цело лето се посветени на репрезентацијата, жртвувајќи го приватниот живот, се во насока на достојно претставување на Македонија, истакна Наумче Мојсовски.
Селекторот Миленковски вети максимално залагање на сите негови избраници кои ќе добијат шанса за настап.
„Ќе се обидеме на турнирот, а потоа и на Европското првенство, да го искажеме својот квалитет и достојно да ја претставиме нашата земја“, истакна Миленковски.
Според програмата, на претстојниот турнир, за кој влезот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе биде слободен, секој ден ќе се играат по два натпревари.
Меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка”
Петок:
17.30 Грција – Египет
20.15 МАКЕДОНИЈА – Јапонија
Сабота:
17.30 Јапонија – Грција
20.15 МАКЕДОНИЈА – Египет
Недела:
17.30 Египет – Јапонија
20.15 МАКЕДОНИЈА – Грција