Белгискиот голман Тибо Куртоа ќе отсуствува подолго време од терените, информираа денеска од Реал Мадрид.
Белгискиот голман се повреди на утринскиот тренинг на Реал, по што на носилки беше изнесен од теренот.
„По направените тестови, на нашиот играч му беше констатирано кинење на предните вкрстени лигаменти на левото колено. Куртоа ќе биде опериран во наредните денови “, објави Реал.
Шпанските медиуми пренесуваат дека Куртоа (31 г.) поради оваа повреда би можел да биде надвор од терените пет до седум месеци.
Исто така, постои можност голманот на Реал да се врати на терен дури во април или мај следната година. Белгиецот пристигна во Реал пред пет години од Челзи за 35 милиони евра, а моментално е еден од најдобрите голмани во светот.
Тренерот на Реал, Карло Анчелоти, може да смета само на украинскиот голман Андриј Лунхин.
Шпанските медиуми истакнуваат дека Анчелоти веќе размислува за ангажман на нов голман. Како кандидати за нов голман на Реал се споменуваат Давид де Хеа, Кепа Аризабалага и Јасин Боно.