Во редовите на македонскиот првак Струга ТЛ веруваат дека можат до историски успех на европската сцена. Тоа би било пласман во групната фаза на Конференциската лига.

На тој пат стружани треба да минат уште две рунди од квалификациите.

Првата пречка е луксембуршкиот тим Есперанж во меч од 3-то квалификациско, против кого утре го играат првиот натпревар.

„Секој натпревар за нас во Европа е голем предизвик. Така ќе биде и утре. Знаеме дека пред нас е историска шанса да дојдеме и затоа сите сме силно мотивирани“, изјави на денешната прес-конференција тренерот Шпетим Дуро.

И Марјан Радески верува дека неговиот тим може до посакуваната цел.

„Максимално ги респектираме, но веруваме дека ние имаме поголеми шанси да се пласираме во следното коло“, истакна Радески.

Натпреварот меѓу Струга ТЛ и Есперанж ќе се игра утре, на теренот „Петар Милошевски“ крај ФФМ, а ќе почне од 17 часот.