Македонската ракометна репрезентација за играчи до 19 години вечерва во Риека ја постигна првата победа во рамките Ф групата на Светското првенство што се игра во Хрватска.
Нашите ракометари високо ја совладаа Црна Гора со 29:20 (12:10) во натпревар, кој најверојатно решаваше за второто место во групата и пласман во главната фаза. Во вториот дуел од нашата група Норвешка ја победи Грузија со 38:24.
На почетокот на натпреварот двете репрезентации имаа проблеми со реализацијата, па така ниту една од репрезентациите немаше поголема предност. Во 25.минута избраниците на селекторот Раде Стојановиќ направија предност од два гола 11:9, која ја сочуваа и до крајот на дуелот 12:10.
Во вториот дел Македонија полека ја зголемуваше предноста и по десет минути веќе беше 17:12, а десет минути пред крајот на дуелот Македонија водеше и со + 7 (24:17). Победата беше заверена со највисоката предност +9 (29:20) со голот на празен гол на голманот Иван Галевски.
Во македонската репрезентација колективот ја донесе победата, па така пет играчи беа стрелци на по три голови: Ненад Белистојановски, Марио Стојановски, Томислав Димковски, Слачо Шулески и Самоил Ристески. Најефикен на дуелот беше Андреј Добрковиќ од Црна Гора со 7 голови.
Признанието играч на натпреварот го доби голманот на Македонија Давид Брестовац, кој имаше 13 одбрани.
Утре во терминот од 17:30 часот Македонија ќе игра против Грузија, која има два пораза и со победа ќе го потврди пласманот во главната фаза.