Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски го донесе единствениот медал за Македонија на Балканијадата што се одржува во Краљево.
Тој со скокот од 7.75 метри во петата серија беше водечки, иако и претходно имаше најдолг скок, но претставниците од Србија во последната серија имаа подолги скокови и го „симнаа“ од првото место.
Сепак за македонскиот репрезентативец имаше место на подиумот и ова за него беше втора бронза од Балканските првенства по ланската од Истанбул во сала.
Многу сум среќен поради мојот бронзен медал од Балканското првенство во Краљево, но се надевав дека ќе победам, затоа што бев во водство во првите пет серии. Мојата форма е константна и никогаш досега во кариерата не сум бил вака подготвен. Среќен сум што ѝ донесов медал на Македонија и што покажав дека сум меѓу најдобрите скокачи во Европа. Продолжувам и понатаму со засилено темпо и кон нови успеси и победи, изјави Андреас по освојувањето на бронзениот медал.
Инаку медалите во дисциплината скок во далечина им ги предаде Роберт Емиан, актуелниот европски рекордер во скок во далечина (8.86 метри).